Ги немаше Харден и Вестбрук, но се најде некој трет да даде 50 поени за Хјустон

Хјустон настапи значително ослабен на гостувањето против Јута, на кое „ракетите“ не можеа да сметаат на Расел Вестбрук и на Џејмс Харден, како и на Клинт Капела. Сепак, гостите успеаја да стигнат до победа на жешкиот терен во Солт Лејк Сити (117-126) благодарение на извонредниот Ерик Гордон. Бекот, кој вообичаено е во сенка на Харден и Вестбрук, докажа дека одлично се снаоѓа и како лидер, постигнувајќи за него рекордни во кариерата 50 поени. На „џезерите“ не им помогнаа ниту одличните изданија на Мичел (36 поени) и на Богдановиќ (30 поени), па на крајот мораа да му честитаат на подобриот противник.

Далас забележа значаен триумф на гостувањето против Оклахома (97-107), дуел во кој во главна улога повторно беше Лука Дончиќ. Словенецот го заврши мечот со 29 поени, 11 скокови и пет асистенции, но и без ниту една загубена топка, станувајќи втор кошаркар сезонава со вакви бројки, по Јанис Адетокумбо.

Најинтересно беше на дуелот Минесота – Сакраменто, на кој гостите се вратија од „минус 19“ во последната четвртина, ги добија последните 12 минути со 22-41, a потоа во продолжение стигнаа до победата. Бади Хилд беше човекот на одлука со 42 поени, додека Бјелица го заврши мечот со 20 поени, 9 скока и 8 аситенции за „кралевите“.

 

Резултати НБА:

Детроит – Кливленд 100-115, Мајами – Орландо 113-92, Чикаго – Сан Антонио 110-109, Минесота – Сакраменто 129-133 (по прод.), Оклахома – Далас 97-107, Јута – Хјустон 117-126.

Се вчитува...