Гисласон: Вардар можеш да го победиш само со перфектен меч

Кил разочарувачки ја стартуваше сезоната, но „зебрите“ заиграа на највисоко ниво во последните месеци, покажувајќи ја решеноста по една година пауза повторно да бидат дел од Ф4 турнирот во Келн. Задачата не им е нималку лесна бидејќи во четвртфиналето на патот им стои Вардар, тимот што е актуелен европски првак. Свесен за квалитетот на „црвено-црните“ е и тренерот Алфред Гисласон, кој пред утрешниот прв четвртфинален натпревар им испрати јасна порака на своите ракометари.

„Играме квалитетно во последно време, ги совладавме Рајн-Некар Левен и Фуксе Берлин, но ова е нешто сосема поинакво. Мораме да ја задржиме позитивната тенденција на се подобри игри на секој нареден меч, но пред нас сега е најдобриот тим во Лигата на шампионите. Вардар можеш да го победиш само со перфектен меч, а ние ќе се обидеме да го сториме токму тоа“ – истакна Гисласон.

Тој се соочува со проблеми на позицијата лево крило, каде поради повреди на располагање ги нема Раул Сантош и Руне Дамке. Одбраната е значително ослабена со неиграњето на Рене Тофт Хансен, но јасно е дека „зебрите“ ќе бидат максимално мотивирани на првиот меч пред своите гледачи да стигнат до предност пред реваншот во Скопје.

Се вчитува...