Главчев: Искуството од БИБЛ е од големо значење за Блокотехна

Првиот човек на Блокотехна, Томе Главчев, не го крие задоволството што неговиот тим во дебитантската сезона во БИБЛ-лигата успеа да стигне до фајналфор турнирот во Самоков, каде в сабота ќе ги одмери силите со Левски Лукоил. Тој смета дека учеството во регионалното натпреварување е вистински потег за клубот од Гевгелија, за кој искуството од овие средби е добредојдено и драгоцено и за натпреварите од домашното првенство.

„За нас како клуб кој се натпреварува по прв пат во Балканската лига, ова натпреварување е од големо значење. Пред се за играчите кои се во нашиот ростер ова е едно големо искуство, бидејќи се работи за реномирано натпреварување во кое учествуваат и клубови од други земји како Бугарија, Албанија, Косово и Црна Гора. Ефектите од тоа искуство се чувствуваат и во домашното првенство каде во моментот сме на делба на втората позиција. Исто така учеството во ова натпреварување ни дава можност и за запознавање со многу голем број на спортски работници од гореспоменатите земји. Тие познанства даваат можност и за дружења покрај на спортски, често и на поинаков план, што за нас е исто така многу значајно. Според мене, значајно е и тоа што преку големиот број меѓународни натпревари успеваме да дадеме и мал придонес во афирмацијата на нашата држава, Македонија“ – вели Томе Главчев.

Главчев не го крие задоволството што ова десетта година од БИБЛ е една од најинтересните во постоењето на регионалното натпреварување.

„Јас сум подолго време присутен во БИБЛ. Порано како дел од раководството на еден друг клуб, а сега како дел од раководството на Блокотехна. И моето искуство ми дава за право да посочам дека за јакнење на карактерот, пред се спортскиот карактер на клубот, е навистина корисно да се биде дел од таков вид на натпреварување. На крајот, благодарност до менаџментот на Балканската лига како и на сите овогодишни актери/клубови што направија да оваа 10-та јубилејна година биде навистина интересна и неизвесна“ – порачува првиот човек на Блокотехна.

Се вчитува...