Главчев: Силата на Блокотехна е во тимскиот дух

ЕКИПА во Самоков,

Стеван Цаневски, Роберт Спасовски

Капитенот на Блокотехна, Горан Главчев, со нетрпение го очекува предизвикот што го очекува на фајналфор турнирот од БИБЛ-лигата што викендов се одржува во Самоков, Бугарија. Оценувајќи ја сезоната на дебитантот на македонската кошаркарска сцена како максимално успешна, Главчев се надева дека ќе се направи уште еден чекор напред, па Блокотехна ќе се вмеша и во битката за трофејот во регионалното натпреварување.

„Да бидам искрен, ниту јас ниту било кој друг во тимот не очекувавме волку добри резултати во текот на оваа сезона. Сепак, апсолутно го заслуживме тоа бидејќи игравме квалитетна кошарка, напредувавме од натпревар во натпревар и покажавме дека градиме сериозен колектив. Во последниот период не бевме на посакуваното ниво, но се надевам дека токму на овој фајналфор турнир ќе блеснеме и ќе се вратиме во посакуваниот ритам“ – изјави Главчев.

Противникот е добро познат, бугарскиот Левски Лукоил кого Блокотехна убедливо го совлада во Гевгелија во јануари, додека во првиот дел од сезоната Левски славеше во Софија по продолжение од пет минути.

„Тоа е силна екипа која е исполнета со добри кошаркари, израмнети по својот квалитет. Подолгата клупа сигурно ќе биде нивни адут, додека наш адут како и на сите досегашни натпревари ќе биде извонредната хемија, неверојатното другарство и тимски дух што владее. Тоа ја красеше Блокотехна цела сезона, очекувам да дојде до израз и на овој фајналфор турнир“ – истакнува капитенот на клубот од Гевгелија.

Тој посочи дека настапот во БИБЛ-лигата е позитивен за Блокотехна, овозможувајќи не само искуство, туку и максимална подготвеност на екипата.

„За мене како млад играч, но и за сите останати натпреварите во БИБЛ се максимално позитивно искуство. Не говориме само за бројот на натпревари во текот на една сезона кои се драгоцени за напредок во кариерата, туку и за силното темпо што го имавме цела сезона. Ние долго време играме во темпо среда – недела и тоа ни помогна да напредуваме, но и да бидеме подготвени за овој период од Супер-лигата, во кој следи згуснат распоред на натпревари“ – вели Горан Главчев.

Се вчитува...