Глигоријевиќ потпиша за Куманово

Куманово продолжува со ангажманот на нови кошаркари откако „сино-белите“ денеска потпишаа договор за едногодишна соработка со Стефан Глигоријевиќ. Тренерот Мирковски беше во потрага по засилувања за играчи во борбата под рекетот, а од неколкуте опции го избра токму Глигоријевиќ како освежување на овој дел од тимот на кумановци.

Српскиот кошаркар настапува како домашен играч, а во Куманово доаѓа од редовите на Работнички. Тој не добиваше преголема минутажа минатата сезона кај тренерот Мираковски, поради што реши да си замине од „Градски парк“. Претходно Глигоријевиќ мина една сезона и во тимот на Блокотехна, а најдобрите партии во мак-баскетот ги имаше како член на АВ Охрид.

„Задоволен сум од понудата, мислам дека ова е вистинска средина за мене, каде дополнително ќе се развивам како играч, ќе ја искористам шансата што ми се укажува и ќе се оддолжам за довербата“, изјави Глигоријевиќ по потписот на договорот со кумановци.

Покрај тренерот Мирковски, управата на Куманово од претходно ги договори и првите две странски засилувања, Џон Шелби и Хулио Гуити.

Се вчитува...