Го снема „дрим-тимот“ на Вардар, Металург се врати на тронот на женскиот ракомет

Ракометарките на Металург вечерва имаа причина за славје откако се закитија со шампионската титула во домашното првенство. По неколкуте години апсолутна доминација на дрим-тимот на Вардар, екипата од Автокоманда прикажа најмногу во текот на целата сезона на домашната сцена, заслужено искачувајќи се на тронот.

Откако ја испуштија првата „меч топка за титула“ против Куманово пред неколку дена, тие попладнево во голем стил ставија печат на титулата, декласирајќи ја Стружанка со 32-18. Во првото полувреме се водеше израмнета битка, Металург на одмор замина со минимално водство од 13-12, за потоа да го демолира ривалот во вторите 30 минути, покажувајќи шампионска игра.

Граматова и Гичевска со по десет погодоци беа најефикасни во таборот на новите шампионки.

Се вчитува...