Ѓоко Хаџиевски изненадувачки си замина од Спартак Варна

Ѓоко Хаџиевски изненадувачки си замина од клупата на Спартак Варна откако искусниот македонски стручњак самиот побарал да му биде раскинат договорот со овој бугарски прволигаш.

Изненадувањето е уште поголемо ако се знае дека Хаџиевски пред неколку дена го водеше Спартак до голема победа во градското дерби против Черно Море од 3-0, Македонецот имаше апсолутна поддршка од навивачите и од клупската управа, но сепак решил да го напушти клубот.

Информацијата за заминувањето на Хаџиевски беше потврдена и од челниците на Спартак Варна.

„Раководството нa Спартак Варна ги информира своите навивачи дека, на лична молба на главниот тренер, Ѓоко Хаџиевски, од денеска неговиот договор со клубот ќе биде раскинат. Одлуката е лична на г-дин Хаџиевски и му беше соопштена на раководството по победата во дербито во Варна против Черно Море. На 70-годишна возраст, тој го презеде Спартак во време кога на клубот му беа потребни стабилност, смиреност и искуство. Под негово водство, тимот успеа да ги надмине тешкотиите, да го стабилизира својот настап и да го задржи своето место во ефбет лигата по тешката измината сезона. Со ова, тој ја исполни својата прва мисија во клубот.
На почетокот од новото првенство, Ѓоко Хаџиевски го исполни и ветувањето што му го даде на раководството на Спартак – да го врати победничкиот дух на тимот и да остави причина за гордост за сите навивачи. Победата во дербито на Варна против Черно Море беше моментот што самиот тој го дефинираше како најсоодветно финале на неговата мисија во клубот и посака да биде запаметен токму по овој успех. ФК Спартак Варна изразува искрена благодарност до Ѓоко Хаџиевски за професионализмот, посветеноста и огромното искуство што го вложи во својата работа со клубот“, се вели во соопштението на бугарскиот прволигаш.

Се вчитува...