Новак Ѓоковиќ уште еднаш потврди дека се наоѓа во топ-форма за овогодинешното издание на Вимблдон, откако Србинот го совлада Лоренцо Мусети за пласман во големото финале. Ѓоковиќ се уште е без освоен турнир во оваа 2024 година, но откако ги надмина проблемите со повредата тој влезе во посакуваниот ритам и игра беспрекорно на британскиот гранслем. За Ѓоковиќ ова беше 49. полуфинале на гранслем турнирите, а победата значи и 37. големо финале за Новак на најголемите четири тениски турнири во светот.
Денешниот дуел со Мусети мина во целосна контрола на Србинот, кој знаеше како да ги искористи своите шанси за да стигне до победата. Тој го направи првиот брејк во мечот поведувајќи со 5-3, Мусети возврати со рибрејк за 5-4, но Новак имаше одговор, па во десеттиот гејм повторно го зеде сервисот на противникот и го доби сетот со 6-4.
Во вториот сет се водеше израмнета борба, а при 5-5 Мусети имаше водство од 0-30, по што Ѓоковиќ со четири аса во серија го доби гејмот, а потоа и сетот во тајбрејк со 7-3.
Следеше брејк во раната фаза од третиот сет, по што Србинот знаеше да ја задржи предноста до самиот крај. Мусети имаше шанса за брејк при 5-4, но Ѓоковиќ успеа да се одбрани, на крајот заслужено триумфирајќи со 6-4 и максимални 3-0 во сетови.
Неделното финале ќе претставува реприза на ланскиот меч за титулата на Вимблдон меѓу Алкараз и Ѓоковиќ, шанса за Србинот да се одмазди за единствениот пораз на гранслем турнирите во 2023 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА