Ѓоковиќ го дозна ривалот за полуфиналето на Вимблдон

Лоренцо Мусети ќе биде противникот на Новак Ѓоковиќ во петочното полуфинале на Вимблдон откако италијанскиот тенисер славеше во денешниот маратон против Тејлор Фриц, по голема битка триумфирајќи со 3-2 во сетови. Ѓоковиќ денеска без борба успеа да го елиминира Де Минор кој се откажа од четвртфиналната пресметка поради повреда, а во прилог на Србинот оди и исходот од последното четвртфинале, ако се знае дека Мусети моментно е 25. рангиран на АТП-листата, додека одличниот сервер Фриц се наоѓаше на 12. место на последното тениско рангирање.

Американецот тргна моќно и рутински го доби првиот сет со 3-6, а потоа и направи брејк при првиот гејм од вториот сет. Мусети не дозволи колата целосно да тргна надолу, возврати со рибрејк за 1-1, по што по голема битка италијанскиот тенисер славеше во вториот сет, во тајбрејк со 7-5. Полн со самодоверба Мусети го одигра доминантно третиот дел од мечот добивајќи го со 6-2, но Фриц успеа да се врати, со подобра игра во четвртиот славејќи со 3-6 и се избори за решавачки сет.

Во петтиот сет сепак немаше никаква неизвесност, откако Мусети отвори извонредно и поведе со 5-0, на крајот триумфирајќи со 6-1 за свое прво полуфинале на гранслем турнирите во кариерата.

Во второто полуфинале на Вимблдон ќе се сретнат Карлос Алкараз и Данил Медведев.

Се вчитува...