Ѓоковиќ искрен: Подобро е што Надал не е на Ролан Гарос, но тешко ми паѓа неговиот крај…

Новото издание на Ролан Гарос официјално стартува денеска, а за првпат по долги години улогата на прв фаворит нема да му припадне на Рафаел Надал. Шпанецот е убедливо најтрофеен тенисер на францускиот гранслем турнир, но поради повреда не е во можност да го брани трофејот освоен лани. Надал воедно и најави дека следната година ќе биде последна во неговата фантастична кариера во која создаде силно ривалство со Роџер Федерер и со Новак Ѓоковиќ.

Федерер веќе замина во пензија, а Ѓоковиќ е единствениот од „големата тројка“ што ќе настапи на овој турнир, а Србинот на последната прес-конференција говореше и за големото ривалство со Надал.

„Да бидам искрен, подобро за сите нас е  што Рафа не е на Ролан Гарос, сите имаме повеќе шанси да победиме. Сепак, ако ја гледаме големата слика, тешко ми паѓа фактот дека тој се ближи до крајот на својата кариера. Сите знаат, тој и јас имаме големо ривалство, Надал ми беше голема мотивација да играм се подобро, да се развивам како играч и да освојувам што пвоеќе трофеи. Кога го слушнав како соопштува дека во 2024 година ќе се пензионира, и јас почнав да се прашувам кога ќе дојде мојот ред за такво нешто“, изјави Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер ќе ја има улогата на трет носител на Ролан Гарос, а за ривал во првото коло ќе го има Американецот со српско потекло, Александар Ковачевиќ.

Се вчитува...