Ѓоковиќ може да се врати на врвот на АТП листата веќе по Австралија Опен

Со бодовите освоени на АТП Купот каде што ја предводеше српската репрезентација до титулата, Новак Ѓоковиќ, ја намали предноста на Рафаел Надал на врвот на АТП листата. Предноста на Шпанецот пред овој турнир беше 930 бода, сега е 515. Со ова битката за првата позиција на листата и натаму продолжува крајно неизвесно. Ѓоковиќ на АТП Купот освои 650 бода, додека Надал собра 250.

Србинот беше подобар од Надал во директниот дуел во финалето. Шпанецот би можел да ја загуби лидерската позиција веќе по првиот годинашен Грен-слем, Австралија Опен. Тоа ќе се случи ако испадне пред полуфиналето, а Ѓоковиќ ја освои титулата.

На најновата АТП листа, објавена денеска промени кај водечките има на четвртата позиција. Роџер Федерер и натаму е трет, а Данил Медведев го помина Доминик Тим и сега е четвртопласиран. Потоа следуваат Циципас, Зверев, Беретини, Баутиста -Агут кој напредуваше на деветтата позиција, а на десетото место падна Монфис.

Се вчитува...