Ѓоковиќ објави кога ќе ја заврши кариерата

Новак Ѓоковиќ откри дека неговата голема желба е да настапи на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, каде што би можел да ја стави точката на својата блескава тениска кариера.

Српскиот тенисер, кој има рекордни 24 гренд слем титули и 40 трофеи од мастерс серијата, во 2024 година го освои последниот голем трофеј кој му недостигаше – олимпиското злато во Париз. Токму тој успех го опиша како круна на својата кариера.

На прашањето на каталонски „Спорт“ дали настапот на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година е реална цел или само сон, Ѓоковиќ не криеше дека сака да стигне до Калифорнија.

„Мислам дека е и двете. Сон и цел, но и желба. Многу пати во последните неколку години кажав дека би сакал да стигнам до Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година. Мислам дека можам да го остварам тоа. Ќе видиме. Ќе зависи од тоа како ќе реагира моето тело и од многу други околности“, изјави Ѓоковиќ.

Легендарниот тенисер во последниот период значително го намали бројот на турнири на кои настапува. Причината е желбата да поминува повеќе време со семејството и да се посвети и на други животни и професионални улоги.

„Денес не играм ниту се натпреварувам на толку многу турнири, ни приближно толку колку што правев во последните дваесет години. Решив да го направам тоа затоа што сакам да поминувам повеќе време со моето семејство и навистина да се посветам на различните улоги што ги имам во животот, како сопруг, татко, син или брат, а истовремено да развивам и други работи што ме интересираат“, додаде Србинот.

Иако тенисот останува во центарот на неговиот професионален живот, Ѓоковиќ признава дека сега бара поинаква рамнотежа. Сепак, неговата амбиција останува иста – уште еднаш да го облече националниот дрес на Олимписките игри.

„Секако, тенисот е сè уште во центарот на мојот професионален живот, но исто така сакам да најдам рамнотежа и затоа го променив календарот. Сепак, сè уште се надевам дека ќе можам да стигнам до следните Олимписки игри и да ја завршам кариерата со српското знаме на моите рамена“, порача Ѓоковиќ.

Се вчитува...