Ѓоковиќ, откако прифати да игра за Македонија, потпишува за Специја

Дамјан Ѓоковиќ, 26-годишниот Хрват со македонско потекло, кој неодамна прифати да игра во иднина за македонската репрезентација, во зимскиот преоден рок со промена на клубот. Како што пренесуваат италијанските медиуми, Ѓоковиќ наредниве денови се очекува да го официјализира трансферот во Специја во Серија Б.

Фудбалерот од средниот ред се одлучи на почетокот од годинава да се раздели со германскиот Гројтер Фурт и сега пред договор со италијанскиот второлигаш, откако доби покана од тренерот на Специја, Доменико Ди Карло, кој беше негов тренер и во сезоната 2014/2015 кога настапуваше за Ливорно.

На почетокот од годинава, пак, Ѓоковиќ изјави дека ќе го прифати повикот од Фудбалската федерација на Македонија во иднина да игра за македонската сениорска селекција.

„Одбрав да играм за Македонија. Очекувам овој месец да биде решено прашањето околу мојот пасош, па доколку се биде во најдобар ред би можел да заиграм и уште на следниот натпревар“ – истакна Ѓоковиќ на почетокот од месецов.

Во сезоната 2015/2016 Дамјан Ѓоковиќ настапуваше за францускиот Ајачио од каде се пресели во Гројтер Фурт, за кој клуб низ последните месеци од претходната година одигра седум натпревари. Претходно во својата кариера има настапи и за италијанските Чезена, Болоња и Ливорно, како и за романскиот Клуж.

Се вчитува...