Новак Ѓоковиќ се уште го навлекува бесот на тениската јавност по фијаското што се случи со ширењето на коронавирусот преку турнирот „Адриа Тур“ во негова организација. Последниот што упати критики на адреса на Србинот е екс-тенисерот од Швајцарија, Марк Росе, кој го опиша Новак како „поделена личност“.
„Новак Ѓоковиќ за мене е прилино поделена личност. Од една страна е врвен тенисер што доминира на теренот, а од друга страна има против себе две легенди, Роџер Федерер и Рафаел Надал. Ѓоковиќ никогаш нема да ја достигне нивната популарност, без разлика уште колку пати ќе ги победи на терен и пати поради тоа. Она што се случуваше на Адриа Тур придонесе тој да ги загуби симпатиите во јавноста, но што е уште поважно – го наруши имиџот на тенисот“, изјави Росе.
Воедно, тој жестоко го нападна таткото на Новак, Срѓан Ѓоковиќ, за неговите остри критики што неодамна ги упати на адреса на Роџер Федерер, порачувајќи му на Швајцарецот дека треба да се пензионира, да скија и да чува деца наместо уште да игра тенис.
„Начинот на кој неговиот татко го нападна Федерер, тотално без причина, тоа е нешто недозволиво. Можете како татко да си го сакате синот најмногу на светот, но не смеете да излегувате по медиуми и да кажувате такви работи. Новак треба да оди и да му каже дека во иднина ќе мора да молчи“, порача Росе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА