Гол-шоу на Талески и Дибиров: Вардар прв до билет за куп-финале

Вардар е првиот финалист во завршниот турнир од ракометниот Куп на Македонија што се одржува во Кавадарци, откако „црвено-црните“ славеа над Еурофарм Пелистер 2 со резултат 28-24. Младите битолчани се покажаа во сосема солидно светло, на периоди целосно му парираа на големиот фаворит, но квалитетотот и искуството на „вардарци“ сепак се покажа пресудно за бранителот на трофејот да стигне до ново куп-финале. Во главна улога беа Филип Талески и Тимур Дибиров, кои заедно постигнаа 19 од вкупно 28-те погодоци за Вардар.

Филип Талески го отвори мечот со прецизен проектил од десет метри, за почетно водство на Вардар од 1-0 и најава за одличното издание на македонскиот репрезентативец во ова полуфинале. Битолчани за момент поведоа со 1-3, но „вардарци“ предводени од Талески и од Дибиров го свртеа резултатот во своја полза. „Црвено-црните“ имаа водство од 9-6 и 10-7, но по неколкуте одбрани на голманот Трајковски, вториот тим на Пелистер успеа да се врати во мечот. Избраниците на Јовиќ намалија на 10-9, при овој резултат не искористија и неколку напади за израмнување, а по тајмаутот на нивниот тренер блесна противничкиот голман Мартин Томовски, кој со неколку извонредни интервенции (еден одбранет пенал) овозможи Вардар повторно да се „одлепи“, за на одмор да се замине со предност на бранителот на трофејот од 13-11.

Ракометарите на Вардар добро го отворија вториот дел, набрзина поведоа со 16-12, не реализирајќи и напад за „плус пет“. Младиот состав на Еурофарм Пелистер повторно покажа карактер и со неколку брзи гола успеа да се врати, стигнувајќи до само еден гол негатива (16-15). Резултатот беше „тесен“ до 19-18, кога Вардар влезе во нова гол-серија, па „црвено-црните“ во 48. минута за првпат поведоа и со пет погодоци позитива (24-19). Битолчани не се предадоа, но успеаја само да стигнат до „минус два“,по што Вардар рутински го приведе мечот до крај и конечните 28-24.

Филип Талески беше главна фигура на ова полуфинале со девет гола и неколку асистенции до Дибиров, кој со 10 погодоци беше прв стрелец на средбата. Најефикасни во редовите на Еурофарм Пелистер 2 беа Петровиќ и Ѓукиќ со по шест постигнати погодоци.

Се вчитува...