Голден Стејт бара супер-партнер за Кари: Опции се Леброн, Дурант, Џорџ…

Мега-размената меѓу Лос Анџелес Лејкерс и Далас со која Дончиќ и Дејвис ги променија клупските бои предизвика бура во американската кошаркарска јавност, а последните информации говорат дека тоа ќе биде само почеток на серијата мегатрансфери што би требало да се случат до крајот на преодниот рок во НБА-лигата.

Во главна улога се очекува да биде Голден Стејт, откако „воините“ искажале решеност да донесат најмалку уште една мегаѕвезда во своите редови, со што би се создал тандем со Стеф Кари што би го предводел овој тим во атак на трофејот. Прва желба на Голден Стејт е Леброн Џејмс, но проблем е што „кралот Џејмс“ во договорот има клаузула со која му забранува на клубот да го трејдува без негова дозвола. Тој пред една година изјави дека би сакал да заигра крај Стеф Кари, па американските медиуми најавуваат дека токму Кари ќе се обиде да го убеди Леброн самиот да побара трејд. Секако, тој со себе би го зел и синот Брони Џејмс кој на барање на Леброн минатото лето потпиша за ЛА Лејкерс.

Планот на Голден Стејт е амбициозен, заедно со Леброн да го доведе и Кевин Дурант. Извонредниот шутер има добра сезона во Феникс, но „сонцата“ бараат начин да дојдат до Џими Батлер, а испраќањето на најплатениот кошаркар (Дурант) широко би ги отворило вратите за бекот на Мајами да се пресели во Феникс. Дурант има убави спомени од времето минато во Голден Стејт и наводно би бил подготвен да се врати, особено ако се формира моќен тим подготвен да се бори за титула.

Како „План Ц“ засега се споменува Пол Џорџ, кој не се снајде најдобро по трејдот од ЛА Клиперс во Филаделфија и сега без размислување би се вратил назад во Западната конференција.

Се вчитува...