Голден Стејт и Сакраменто поставија тројкашки рекорд во НБА, Торонто го доби Источното дерби (ВИДЕО)

Актуелниот НБА шампион, Голден Стејт и Сакраменто одиграа неверојатен шутерски натпревар во кој првакот славеше со 127-123, а двата тима заедно постигнаа 41 тројка што е нов рекорд во лигата. Кошаркарите на Голден Стејт погодија 21 од 47 обиди од дистанца, додека Сакраменто имаше 20/36 шут за три поени.

Стеф Кари уфрли 10 тројки и со тоа го мина Кајл Корвер на четвртата позиција на вечната НБА листа за најуспешни тројкаши. Кари беше клучен за победата на шампионот, постигна вкупно 42 поени, од нив 20 во последната четвртина.


Торонто ја прекина победничката серија на лидерот на Источната конференција, Милвоки победувајќи во дербито со 123-116 и дојде до 29 победа сезонава. Милвоки има  27 триумфи, но има 11 порази, еден помалку од  Торното. Паскал Сиакам и Каваи Ленард со по 30 поени и Серж Ибака со 25 беа креатори на победата на Торонто. 43-те поени на Јанис Антетокуомпо  не му помогнаа на Милвоки да дојде до победата.

Лидерот на Западната конференција, Денвер врза серија од пет последовни победи триумфирајќи во пресметката со Шарлот со 123-110 и се зацврти на лидерската позиција на табелата со биланс од 26/11. Српскиот центар, Никола Јокиќ постигна највисоки сезонава 38 поени, а имаше и 12 скока. Кембавокер со 20 поени беше прв стрелец кај Шарлот.

Бен Симонс со трипл-дабл ефект од 20 поени, 14 скока и 11 асистенции ја  предводеше филаделфија до победата од 106-100 на Далас. Лука Дончиќ дуелот го заврши со за него скромни 14 поени. Филаделфија е четвртопласирана за Исток, додека Далас е далеку од плеј-оф позициите на 11. место.

Се вчитува...