Голден Стејт со бланко-чек: Кари нека ја каже сумата…

Стеф Кари влегува во последната година од договорот со Голден Стејт вориорс, но 38-годишниот ветеран речиси сигурно ќе продолжи и потоа да ги брани боите на „воините“ за да стане еден од ретките во последните триесетина години што цела кариера ја минале во еден ист клуб.

Во тој правец размислуваат и челниците на клубот, кои јасно ставиле до знаење – не планираат да влегуваат во преговори со Стеф, туку очекуваат тој самиот да ја каже сумата што очекува да ја земе со новиот договор, што по автоматизам ќе биде прифатено од нивна страна. Според раководството на Голден Стејт, тоа е најмалку што може да се стори за легендата што испиша историја со клубот.

Актуелниот договор на Кари е за плата од 62,6 милиони долари, а според правилата на НБА, 38-годишниот ветеран може да потпише максимум на две години, и тоа за вкупно 136,7 милиони долари.

Американските медиуми најавуваат дека лесно може да се случи легендарниот шутер да се согласи и на значително помала сума во новиот договор, за да остави место во селари-капот за Голден Стејт да доведе уште некоја ѕвезда за тимот да може да се бори за највисок пласман.

„Нема никаков сомнеж дека сакам да останам овде до крајот на кариерата и прилично сум сигурен дека тоа ќе се случи. Преговорите околу новиот договор ќе дојдат кога тоа ќе треба да се случи, не дозволувам тие работи да ми го нарушат фокусот од подготовките за наредната сезона“, изјави неодамна Стеф Кари за НБЦ Спортс.

Се вчитува...