Ракометот со години наназад е спорт број 1 во Македонија, а 15 декември важи за датум со златни букви испишан во ракометната историја на нашата земја, бидејќи токму на денешен ден пред точно 30 години сениорската ракометна репрезентација го одигра првиот натпревар по осамостојувањето на Македонија.
Станува збор замеч од турнирот „Карпати Куп“ во кој покрај Македонија и домаќинот Романија учествуваа и селекциите на Полска, Украина, Русија и на Литванија.
Во историјата остануа запишано дека нашите ракометари на чело со селекторот Славе Атанасовски првиот меч во историјата го одиграа против Романија, губејќи со минимални 24-22, а најефикасни во таборот на „црвено-жолтите“ беа Стевче Алушовски со пет и Тони Николовски со четири погодоци.
Македонската ракометна репрезентација својот прв натпревар го одигра во состав: Стевче Стефановски, Стевче Алушевски, Игор Котевски, Томче Петрески (Пелистер), Димитар Богдан, Орде Илиески, Миле Нешкоски (Т. Комбинат), Среќко Ѓоргиевски, Драган Маринковиќ, Игор Тасевски (Вардар Ватростална), Боро Чурлевски и Горан Шопов (Борец), Емил Стојановски (Металург Огномак), Зоран Петковски (Повардарие), Тони Николовски (ПТТ Македонија).
Македонија до крајот на „Купот Карпати“ загуби од Украина со 23-31, од Русија со 17-28 и од Литванија со 21-26, а како прва победа на нашиот национален тим во историјата е забележана онаа над Полска, со резултат 27-23, како дел од овој силен ракометен турнир одржан пред точно 30 години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА