Голем пад: Македонија надвор од Топ 50 репрезентации во светот

Кошаркарската репрезентација на Македонија забележа голем пад на најновата ранг-листа што денеска беше објавена од ФИБА, на која „црвено-жолтите“ се наоѓаат на 53. позиција. Македонскиот национален тим во пресрет на ова рангирање се наоѓаше на 42. место според светската куќа на кошарката, но со најновото рангирање нашата репрезентација не е дел од најдобрите 50 во светот во овој спорт.

Во однос на претходното рангирање сега пред Македонија се наоѓаат селекции како Брегот на Слоновата Коска, Бугарија, Панама и Естонија. Ова ќе биде само мотив повеќе за нашите репрезентативци во претстојниот квалификациски циклус, во кои се очекува токму битките со Естонија да бидат решавачки за освојување на третото место во групата, кое ќе носи и билет за учество на Евробаскет 2021.

САД и покрај мундијалското фијаско остана на првото место на ранг-листата на ФИБА, пред новиот светски првак Шпанија. Меѓу Топ 10 селекциите во светската кошарка се наоѓаат уште и: Австралија, Аргентина, Франција, Србија, Грција, Литванија, Русија и Чешка.

Се вчитува...