Јувентус доби сериозен удар уште на стартот на новата сезона, откако остана без еден од своите најважни фудбалери. Кенан Јилдиз ќе биде подолг период надвор од терените по повредата заработена на гостувањето кај Фрозиноне.
Турскиот репрезентативец се повреди во првото коло од Серија А, на натпревар кој „бјанконерите“ го добија со 1-0. Иако во прв момент не изгледаше дека станува збор за сериозна повреда, дополнителните прегледи донесоа многу полоши вести за Јувентус.
Според „Ла Газета дело Спорт“, дополнителните консултации потврдиле дека станува збор за фрактура на петтата метатарзална коска на левото стапало, поради што операцијата се смета за речиси неизбежна.
Јилдиз во наредните денови треба да биде опериран, а потоа го очекува долг период на рехабилитација. Според актуелните проценки, 21-годишниот фудбалер би можел да отсуствува околу два и пол до три месеци, што значи дека неговото враќање се очекува дури кон крајот на ноември.
Тоа е голем проблем за тренерот Лучано Спалети, кој Јилдиз го смета за еден од клучните играчи во својот проект. Турчинот беше еден од носителите на играта на Јувентус и требаше да има значајна улога во офанзивниот дел од тимот.
Особено лошо за Јилдиз е што веќе имаше проблеми со левото колено во изминатиот период, а сега новата повреда дополнително ќе го оддалечи од терените. Сепак, паузата би можела да му овозможи целосно да го реши и проблемот со тетивата на коленото, па да се врати во целосно здрава состојба.
Според италијанските медиуми, Јилдиз би можел да пропушти најмалку десет натпревари во Серија А, како и неколку европски натпревари, зависно од точниот тек на рехабилитацијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
