Ракометната репрезентација на Македонија до 18 години славеше над Фарски острови со 34-32 во натпревар за разигрување од 9. до 16. место на Европското првенство во Србија.
Избраниците на Горан Кузманоски одлично го стартуваа натпреварот. Го контролираа резултатот во текот на целото прво полувреме, а на пауза заминаа со позитива од пет гола 18-13.
Нашите надежи добро го почнаа и второто полувреме и стигнаа до седум гола разлика (24-17), сепак црвениот картон на Николоски како да донесе дополнителна нервоза кај нашите ракометари, па Фараните со серија од 7-0, стигнаа до реми 24-24. Серијата на Фарски острови ја прекина Јовиќ кој повторно донесе водство за Македонија 25-24. Успеавме да се консолидираме, па во 52. минута стигнавме повторно до плус три 28-25. До крајот успеавме да го исконтролираме мечот и да стигнеме до победа од 34-32.
Стефан Ѓоргиески со осум гола беше најпрецизен во нашиот табор, додека Скипаготу кај поразените постигна 12 гола.
Со оваа победа нашите надежи обезбедија сигурен пласман на Светското првенство до оваа старосна граница кое ќе се игра следната година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
