Екипата на Шкупи си ги зголеми шансите за опстанок во кошаркарската елита откако славеше на домашен терен над ТФТ со резултат 87-82. Тимот од Чаир одигра квалитетно борејќи се од почеток до крај против ривалот кој има очигледен пад во формата, па така ТФТ кој долго време во првиот дел од сезоната беше и лидер, сега го претрпе третиот пораз во последните пет прволигашки рунди.
Шкупи беше подобар во првата четвртина добивајќи ја со 22-19, по што домаќините продолжија да го контролираат резултатот и на одмор заминаа со 41-33. ТФТ се врати во третиот период, но Шкупи имаше контрола над резултатот се до самиот крај. Гостите преку Гивенс намалија на 81-80, но Стојановски ги постигна клучните поени за Шкупи, по што Сила и Арнолд ставија печат на победата.
Сила со дабл-дабл од 24 поени и 10 скокови беше најзаслужен за триумфот на домашниот тим, одлична игра прикажа и Стојановски со 15 поени и седум скокови, додека најефикасни кај ТФТ во денешниот пораз беа Тома Стојаноски со 22 поени и Гринли со 21.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА