Уште еден фудбалски талент заминува од нашата држава. На покана на спортскиот директор на чешкиот прволигаш „Словачко“, поранешниот репрезентативец на Македонија Величе Шумуликовски, досегашниот стандарден првотимец на второлигашот „Кит Го“ од Пехчево, младиот Гораст Стојменов /19 години/ замина во тренинг центарот на клубот во градот Ухарске Храдиште на проба и лекарски прегледи.
Шумуликовски престојуваше во Скопје на УЕФА семинар во организација на ФФМ во текот на март и мај и на неколку натпревари на Кит Го ја следеше играта на Стојменов, која остави солиден впечаток кај него и донесе одлука да го повика во Чешка, единствен од неколку други играчи од нашите клубови кои беа во списокот на Шумуликовски.
Гораст Стојменов потекнува од клубот Њу Старс, кој е расадник на најголемите таленти во нашата држава, играше и за младиот тим на Металург. Сојменов има 22 натпревари какои член за македонските репрезентативни селекции од 16, 17, 18 и 19 години. Последниве неполни две сезони е стандарден првотимец на Кит Го.
Стојменов веќе одигра еден контролен меч за „Б“ екипата на Словачко и за разлика од другите фудбалери од странство, кои се исто така на проба, тој единствено ги oдигра сите 90 минути. Од неговата игра беше задоволен и тренерот Мартин Сведек и според зборовите на Шумуликовски, тој најверојатно ќе потпише двегодишен договор со тимот Словачко, кој годинава се пласира на четвртото место во Првата лига на Чешка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА