Ракометарките на Ѓорче Петров цела сезона доминираа на терените ширум Македонија, па денеска заслужено го кренаа шампионскиот пехар како награда за одличната сезона.
Ѓорчепетровки неочекувано загубија на домашен терен од Металург со 23-30, но дуелот немаше преголемо значење ако се знае дека титулата однапред беше осигурана, а Металург без оглед на овој меч секако ја завршува сезоната на второто место. Дербито мина во израмнета игра во првото полувреме (13-14), но во вториот дел гостинките успеаја да се одлепат и да стигнат до неочекувано убедлива победа.
Јанкуловска со седум и Коцева со шест гола ги предводеа стрелците кај победничкиот тим, додека најефикасна кај шампионот Ѓорче Петров во денешниот пораз беше Анастасија Николовска со шест погодоци.
До крајот на оваа сезона во женскиот ракомет останува само уште завршниот фајналфор турнир од Купот на Македонија, кој годинава ќе се одржи во Радовиш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА