Ѓоре Јовановски: Верувам во моите фудбалери, Беласица може да обезбеди опстанок

Беласица ќе има тешка задача во пролетниот дел од сезоната да обезбеди опстанок во Првата македонска фудбалска лига. Струмичкиот тим по есенскиот дел e убедливо последен на првенствената табела со дури осум бода негатива зад претпоследната Академија Пандев.

Новиот тренер на тимот, искусниот стратег, Ѓоре Јовановски вели дека е задоволен од подготовките и од фудбалерите кои како што вели тој даваат максимум на секој тренинг и верува дека и покрај големата негатива на крајот ќе успеат да обезбедат опстанок.

„Задоволен сум од подготовките и од прикажаното на моите фудбалери. Верувам во нив дека заедно ќе успееме да обезбедиме опстанок. Во најтешка позиција сме, но доколку не верував во опстанок немаше ниту да прифатам да го водам тимот. Знам дека на крајот ќе успееме во нашата цел“, вели Јовановски. 

Во првото коло од пролетниот дел од сезоната Беласица ќе и гостува на Ренова. Јовановски вели дека Ренова е добар тим кој сака да се надигрува, а тој што повеќе ќе ја посакува победата на крајот ќе дојде до бодовите.

„Ренова е одличен тим кој игра се подобро. Ја надминаа кризата и сега се одлични. Играат убав фудбал и сакаат да се надигруваат. До трите бода на крајот ќе дојде тимот кој повеќе ќе ја посакува победата. Верувам дека тоа ќе бидеме ние“, дополнува Јовановски. 

Натпреварот меѓу Ренова и Беласица е закажан за во недела со почеток во 14 часот.

Се вчитува...