Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, гости двајца актери од македонската кошарка, од оние златни години на овој спорт кога дојдовме и до четвртото место во Европа, тогашниот директор на КФМ, Илија Мерџановски како и еден од најдобрите кошаркари во македонската историја, Тодор Гечевски.
Осврнувајќи се на бројни теми од домашната кошаркарска сцена, поранешниот директор во Кошаркарската федерација, Илија Мерџановски потенцираше и како токму поранешниот македонски репрезентативец Ѓорѓе Војновиќ, потоа и функционер во МКФ, а актуелен генерален менаџер на Осигурителната компанија Триглав, во 2012 година финансиски единствено и помогна на македонската кошаркарска федерација оди на подготовки во Атланта а потоа и на квалификацискиот турнир за ЛОИ 2012 во Венецуела.
Мерџановски раскажува како Кошаркарската федерација добивала многу ветувања за помош од македонските бизнисмени од САД, но на крај „силни само на зборови“ – апсолутно ништо. На, крај македонските репрезентативци – кошаркари, од џеб сами го платиле и ручекот на собирот со македонската бизнис заедница од САД.
„Се трудевме на секој начин како федерација. За таква логистика е потребно многу луѓе, и контакти. Тука многу помогна Ѓорѓе Војновиќ. Ние отидовме во Атланта на подготовки. Се надевавме дека ќе ни помогнат наши бизнесмени од САД. Ништо…, единствено Ѓоле Војновиќ“ – раскажува Мерџановски, на кого се дополнува и тогашниот репрезентативец Тодор Гечевски.
„Реално, Ѓорѓе Војновиќ секогаш беше присутен со помош за македонската кошарка. Беше присутен од таму од 2007-2008 година, па преку Полска, а потоа и во 2011 за ЕП во Литванија и години потоа, и до ден-денеска“ – вели Гечевски.
„Војновиќ ни обезбеди таму плус луѓе во САД кои ни помагаа. Значи, ти да отидеш во Атланта ти треба хотел, ти треба сала за тренинг, ти требаат противници за да играш. Ти треба автобуски превоз низ градот. А ние отидовме, како што било секогаш со ограничен буџет. Нашиот буџет најголем што бил, никогаш не дојдовме до 500 илјади, од триста до четиристотини, нешто преку 400 илјади евра годишно. А, за да играш на такво ниво како таа наша генерација која дојде до 4.место во Европа и до финални квалификации за ЛОИ, треба повеќе пари. Ама сме се снаоѓале. Е вака Ѓоле Војновиќ, па Ѓоле се јавил на некој негов пријател, па тој ни обезбедил поевтин хотел, и така“.
А, за македонската бизнис заедница од САД….
„Па, од тоа што ние сакавме од тие нашите бизнесмени кои сами се фалеа дека ќе ни помогнат – не помогнаа! Ниту најмалку! А, фалење многу! Нема да ги именувам кои беа, затоа што не се вредни ни да се спомнат. На крај испадна таму ние кога одевме на ручек на заедничката средба, дури и нивното да го платиме… Не го платив јас, го платија дечкиве, македонските репрезентативци од свој џеб“ – раскажува тогашниот директор на Кошаркарската федерација на Македонија, Илија Мерџановски во подкастот „ПРЕСИНГ“.
==================================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ТОДОР ГЕЧЕВСКИ И ИЛИЈА МЕРЏАНОВСКИ МОЖЕ ДА ГО ГЛЕДАТЕ ТУКА….
==================================================
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

