Ѓорѓевиќ се враќа на местото на успехот, дали ќе тренира и Македонец?

Алескандар Ѓорѓевиќ е подготвен да се врати назад во Евролигата откако поранешниот српски селектор влезе во завршна фаза од преговорите  со Виртус Болоња за враќање на кормилото на овој италијански кошаркарки гигант.

Ѓорѓевиќ во 2019 година седна на клупата на Виртус и во првата сезона се закити со трофејот во ФИБА Лигата на Шампионите. Тој во 2021 година стигна и до титулата во италијанското првенство, со убедливи 4-0 в0 финалето со лутиот ривал Олимпија Милано, по што неочекувано следеше и разделба со клубот од Болоња.

Недоразбирањата се чини се надминати, двете страни веќе десетина дена се во интензивни преговори, при што Ѓорѓевиќ начелно ги прифатил условите за да потпише двогодишен договор со Виртус Болоња.

Останува да се види дали Ѓорѓевиќ ќе има и Македонец во својот тим во наредната сезона, ако се знае дека Виртус Болоња во изминатиот период покажа сериозен интерес за во своите редови да го доведе Андреј Јакимовски, по одличната сезона што македонскиот репрезентативец ја имаше во италијанското првенство како член на Тренто.

Се вчитува...