Ѓоргиев: Против Австрија треба да бидеме поконцентрирани

Македонската одбојкарска репрезентација, утре во салата „Кале“, ќе го одигра првиот домашен, а трет вкупно натпревар од групниот сегмент во Сребрената Европска лига. Нашите одбојкари имаа лошо гостување кај Летонија во средата и беа поразени максимално, со 3-0 во сетови. Сега македонскиот состав има половичен биланс по двете одиграни средби откако во воведното коло славеше над Косово.
„Коцентрацијата во средината од сетовите ни беше слаба и затоа не успеавме да направиме добар резултат. Игравме до 13-13 и потоа паѓавме. Наша цел против Австрија е тој квалитет, концентрацијата да ја подигнеме на повисоко ниво и да ја задржиме подолго време, да бидеме поконстантни“- објаснува капитенот Никола Ѓоргиев за неочекувано високиот пораз од Летонците.
Добри вести во нашиот табор се враќањето на Љафтов, кој веќе доби шанса против Летонија, но и најавата за враќање во тимот на првиот техничар, Ѓорги Ѓоргиев.
„Уште не сме во оптимум форма, радува враќањето на Љафтов, мислам дека против Австрија ќе биде 70-80% подготвен. Ѓорги Ѓоргиев ќе биде во составот и мислам дека ќе биде и во игра. Сметам дека ќе биде голема борба, но и дека ќе успееме да славиме во нашето Кале“- вели капитенот на националниот одбојкарски состав. 
Со три освоени бода, македонската репрезентација се наоѓа на второто место на табелата во групата  зад засега максимално успешната Летонија. Нашиот тим нема резултатски императив на дуелите од прелиминарниот сегмент бидејќи како домаќин има загарантирано учество на Ф4-турнирот закажан за 15 и 16 јуни во Скопје.

Се вчитува...