Ѓорѓиев: Сериозна селекција не смее да си дозволи грешки како против Летонија, но…

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓорѓиев сосема очекувано не го криеше разочарувањето по новиот пораз во Сребрената Европска лига, втор од Летонија, сега пред домашната публика во Скопје.

За Македонија резултатски ништо не значат овие мечеви, со оглед на фактот дека како домаќин веќе е учесник на Ф4 турнирот, што ќе се одржи во Скопје на 15 и на 16 јуни, но Ѓорѓиев потенцира дека за сериозна селекција не смее да се дозволи пропусти како на мечот со Летонија…

„Не знам што да кажам, имавме и водство од 16-8, па губевме сет. Тоа сериозна репрезентација не смее да си го дозволи. Можеби на првите мечеви од овој групен сегмент во лигата веднаш бевме со мислите кон Ф4, но сега веќе мора да играме посериозно. Но, верувам во селекторот, верувам во моите соиграчи, верувам во федерацијата и сигурен сум дека ќе биде на највисоко ниво кога ќе е најпотребно на Ф4 турнирот“ – ни изјави Ѓорѓиев по поразот од Летонија.

Во последното коло од групата, в среда, повторно во „Кале“, македонската репрезентација ќе го одигра дуелот против Косово, единствнетата селекција против која имаме победа во оваа фаза од натпреварувањето.

Се вчитува...