Ѓоргиев: Учиме од секој пораз

Со биланс од два пораза и еден триумф, македонската одбојкарска репрезентација ќе влезе во втората половина од групната фаза во Сребрената Европска лига. Нашите одбојкари славеа единствено над Косово, загубија убедливо од Летонија, а претрпеа и пораз во драматичната пресметка со Австрија во „Кале“.

„Секој следен натпревар беше подобар и среќен сум што покрај поразите од Летонија и од Австрија, нашата игра се подобруваше и стануваше се подобра во секој сегмент. Се уште сме далеку од она што го посакуваме, но ваквите натпревари се тоа што ни треба бидејќи преку тренинзи не можеме да добиеме колку што можеме од квалитетна пресметка. Задоволен сум од ангажираноста и мотивацијата на цела репрезентација“ – вели капитенот на националниот тим, Никола Ѓоргиев во анализата на трите досега одиграни средби.

Македонската репрезентација нема резултатски императив на дуелите од групата со оглед дека има загарантирано учество на Ф4 турнир бидејќи ќе биде домаќин на завршницата закажана за 15 и 16 јуни во Скопје.

„Очекувам Косово сигурно да го победиме дома и очекувам два дерби дуели против Летонија и  против Австрија. Наша цел е да ја подобриме играта и да покажеме уште подобро издание за разлика од минатите натпревари. Не се оптоваруваме со резултат, повеќе сме концентрирани на нашата игра и верувам дека со добра игра ќе успееме да славиме најмалку на еден од овие два натпревари. Радува што Љафтов и Ѓоргиев се секој ден се подобри и тоа е голем плус. Само треба да продолжиме по ист пат и со иста желба и мотивација гледајќи право кон целта“ –  порачува Ѓоргиев.

Нашите најдобри одбојкари во моментов се на третата позиција на табелата со три освоени бода. Лидер во конкуренцијата е Летонија со максимални 9 бода. Австрија на второто место има шест.

Македонската репрезентација утре гостува кај Австрија, а потоа ќе одигра две домашни средби со Летонија и со Косово.

Се вчитува...