Ѓорѓиевски: Целта на Куманово е Суперлигата…, засега ‘тимот кој победува не се менува’

„Шок-терапијата“ со смена на тренерското место вроди плод кај кумановци. По седнувањето на тренерот Игор Ѓорѓиевски на клупата, Куманово не знае за пораз на двата фронта, домашното првенство и БИБЛ лигата. „Сино-белите“ се наоѓаат во серија од пет победи во низа, од кои три во интернационалната лига, натпревари во кои беше изборено место во следната фаза.

Како што одминува сезоната, така и Куманово фаќа приклучок, по проблемите со коронавирусот играчите полека фукнционираат заедно, а новиот тренер Игор Ѓорѓиевски причината за одличната серија ја гледа токму во тоа.

„И претходно функциониравме добро, неколку средби загубивме несреќно, што поради наши грешки, што поради судиски одлуки. Многу сум благодарен на управата на клубот како и на човекот кој ми даде шанса да бидам дел од стручниот штаб оваа година во КК Куманово, Владимир Мирковски кој го постави костурот на екипата, а се понатаму беше работа со него, а и по него. Само побарав време од управата и поддршка од играчите и се случи тоа што се случи и сме таму каде што сме во моментот“ – вели за ЕКИПА, тренерот на Куманово.

Куманово е еден од тимовите кој претрпе големи промени во играчиот кадар, дел од странските кошаркари кои не беа на врвот на својата задача беа заменети со нови, а во продолженито од регуларниот дел од сезоната, тренерот на клубот не гледа можност за нови засилувања.

„Засега сум задоволен од тоа што го имам кај играчкиот дел и како ги извршуваат своите задачи во тимот и на тренинзите и на мечевите. Не сакам да менувам и засега нема да менувам, но како ќе одминува сезоната и времето ќе видиме како ќе носиме одлуки. Засега остануваме на тоа „тимот кој победува не се менува“, а и не треба“ – додава Ѓорѓиевски.

Целта на почетокот на сезоната за кумановци беше формирање ростер кој ќе биде поконкурентен веќе следната сезона. Една од целите, пласман во следната фаза од БИБЛ лигата е остварена, но останува битката за Суперлига. Куманово се наоѓа на средината на табелата со скор од шест победи и четири порази па пред „сино-белите“ е тешка битка за изборување на место меѓу најдобрите шест екипи во првенството.

„Се надеваме и цел е да се пласираме во Суперлигата. Во БИБЛ самиот пласман во втората фаза е успех, а зошто да не и Ф4 доколку се отвори можност. Ковид ситуацијата е најголемиот противник на првенството, но наше е да играме и да тренираме, а резултати ќе дојдат сами по себе. Благодарен сум на играчите и управата за шансата, засега оди се како што треба и се надевам дека ќе продолжиме и понатаму по оваа добитна формула. Штета што нема публика, но и вака е добро. Подобро да има нешто, отколку да не се игра кошарка воопшто“ – завршува новиот тренер на Куманово.

Се вчитува...