Ѓорѓиоски: На фудбалот му треба вистинско обединување, а не „трујачи“ на фудбалскиот простор

Старо-новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски веднаш по добивањето нов четиригодишен мандат истакна дека не може да го сокрие задоволство од успешниот период кој остана зад ФФМ изминатиов период, во очекување на двата клучни настани за нас оваа година.

Ѓорѓиоски повика на вистинско обединување на фудбалскиот простор, но не и негово постојано „труење“ со лаги, обвинувања и манипулации од разни поединци…

„Може да кажам дека наредниот период на македонскиот фудбал му е неопходно вистинско обединување, затоа што сигурен сум дека ни престои развој согласно очекувањата на сите љубители на фудбалот. Знам дека сме на вистинскиот пат, исто како што знам дека и се се гледа преку призмата на резултатите на сениорската репрезентација. Знам дека тие не се нешто со кое може да се гордееме, но таа е наша репрезентација и секогаш и е неопходна подддршка, од секој навивач, од секој поединец, од секој фудбалски работник… Мене ми е задоволство, што вложувајќи ги сите напори оваа година ќе ја имаме европската елита во Македонија на Суперкупот на УЕФА, а и самите ќе бидеме дел од Европа со настапот на ЕП на младата селекција“ – истакна Ѓорѓиоски во обраќањето веднаш по реизборот на претседателската функција, и дополни:

За жал ФФМ нема инструменти со кои би можела да се бори против секојдневното труење на јавноста од луѓе кои во изминатите две децении не само што не му донесоа ништо добро на македонскиот фудбал, туку напротив, со своите деструктивни постапки само ни ја трошеа енергијата. Најлесно е да пишувате писма, соопштенија, дописи…Од тоа баш никој нема корист, најмалку македонскиот фудбал. За секое обвинување го дознавме одговорот и на УЕФА и ФИФА. Но, уште еднаш, како и да е, повторно ќе кажам дека вратите на ФФМ и на македонскиот фудбал се отворени за секој кој има навистина искрени намери. Знам дека заеднички, без никакви поделби, може многу да направиме во иднина. Верувам во тоа“.

Се вчитува...