Ѓорѓиоски: Не одигравме онака како што се договоривме, му честитам на Вардар

Тренерот на Струга ТЛ Илчо Ѓорѓиоски ги искажа своите импресии од натпреварот со Вардар, кому му ја честиташе победата и трофејот на противникот.

Тој рече дека несреќно ги примиле головите, во многу лоши мигови, и дека планот кој го имале пред мечот не успеал.

„Честитки за Вардар за освоениот Куп. Морам да кажам дека натпреварот почна добро, имавме некои полушанси кои не успеавме да ги искористиме, да ги реализираме. Вардар даде гол, да не кажам случаен го удри во колено и влезе. Сигурно дека на еден ваков меч кога ќе дадеш прв гол значи од психолошки аспект. Вториот гол дополнително ни направи проблем. Имавме и непланирани измени поради повреди. Се на се, планот кој го имавме пред мечот не се оствари. Првиот гол Вардар го даде од првиот удар од првата шанса, а вториот на стартот од вториот дел. Пробавме со измени да се вратиме во игра, но не успеавме. Имавме шанси кои не ги искористивме, за разлика од нас, Вардар ги искористи и крајниот резултат е таков каков што е“, рече Ѓорѓиоски.

Тренерот на стружани кажа дека играчите не одиграа онака како што се договориле пред дуелот.

„Имавме план многу поофанзивно да влеземе во самиот меч, некако дали од значењето и фудбалерите не го одиграа она кое се договаравме. И покрај тоа имавме шанси кои не ги реализиравме. Но тоа е фудбалот, кога не се даваат голови, постои веројатност да се прими“, вели Ѓорѓиоски.

Се вчитува...