Ѓорѓиоски: Зад нас е година во која остваривме многу

Фудбалската федерација на Македонија во хотелот „Александар Палас“ го одржува Редовното годишно собрание на кое се присутни 94 делегати. Општ е впечатокот дека Македонија имаше одлична 2017 година, а тоа во својот говор го истакна и претседателот Илчо Ѓорѓиоски.

„Зад нас е година во која остваривме многу. Секогаш може повеќе, секогаш сакаме повеќе и напорно се трудиме да ги реализираме нашите цели. Никогаш Македонија со А-репрезентацијата не учествувала на едно големо натпреварување, но со настапите кои ги имаше националниот тим во 2017 година, во нашите глави и никогаш не сме биле поблиску. Тоа е доказ дека можеме и дека ќе продолжиме напорно да работиме, се додека не ја оствариме и таа цел. Покажавме дека може да биде реалност со младата репрезентација до 21 година која учествуваше на Европското првенство во Полска, како и младите селекции до 17 и до 19 години, кои за првпат заедно во една година, се пласираа во елитната рунда во квалификациите. За првпат два клуба играа во плејофот на Лига Европа, а шампионот играше и историски, за првпат, во групната фаза од ова европско натпреварување. Македонија беше горд организатор на Суперкупот на Европа. Го заокруживме и комплетно проектот во Куќата на фудбалот, со пуштањето во употреба на капиталниот објект за Академијата на ФФМ“, истакна Илчо Ѓорѓиоски.

Сениорската репрезентација на Македонија дел од своите натпревари во квалификациите за СП во Русија како домаќин ги играше во Струмица. Тоа е уште една придобивка и инвестиција на ФФМ во изминатата година, напомена претседателот на ФФМ.

„Во Струмица успеавме стадионот „Младост“ да го заокружиме како успешна приказна. Го прилагодивме за настап на А-репрезентацијата за помалку од 60 дена. Имавме и одлични партнери во Агенцијата за млади и спорт, како и Општина Струмица. Додека сум јас претседател на ФФМ, ќе се залагам за искреност, чесност и одговорност, како и напорна работа која е плод на големата посветеност на сите кои се дел од федерацијата, но и воопшто сите субјекти во македонскиот фудбал“, дополни првиот човек на македонскиот фудбал.

ФФМ на Редовното собрание ја освои завршната сметка за 2017 година, како и го одобри буџетот за тековната 2018 година со 94 гласови „за“.

Се вчитува...