Гостивар го бара и Марко Симоновски

Управата на Гостивар делува решено овој клуб да се вмеша во битката за трофеи наредната сезона. Задржан е „костурот“ на тимот, веќе беше доведен уште еден квалитетен домашен играч во потписот на Јанески, а следна желба на гостиварци е во својот табор да го доведат Марко Симоновски.

Одличниот шутер подолго време е без клуб по раскинот на договорот со МЗТ Скопје. Тој се наоѓаше пред преселба во тим од Супер-лигата пред прекинот на сезоната, а во меѓувреме интерес за негов ангажман покажуваат неколку македонски прволигаши. Најконкретни во преговорите се челниците на Гостивар, не само од финансиски план, туку и според амбициите, покажувајќи јасна желба овој тим да атакува на пехар на домашната кошаркарска сцена. Симоновски имаше успешна соработка со тренерот Србиновски додека двајцата беа дел од КК Куманово, играјќи финале во плејофот, па сега повторно би можел да заигра за екс-селекторот на Македонија и во тимот на Гостивар.

За потсетување, Гостивар го задржа Американецот Малколм Армстед, а нови договори од актуелните кошаркари потпишаа и Костоски, Димчевски, Тасовски и Димитриевски. Со ангажманот на Јанески, евентуалниот трансфер на Симоновски и доаѓањето на уште некое засилување од странство, нема дилеми дека „сино-белите“ би биле подготвени за битки за прекин на доминацијата на МЗТ Скопје на домашната кошаркарска сцена.

Се вчитува...