Гостивар го најде лекот за МЗТ Скопје

Гостивар во фантастичен натпревар славеше над МЗТ Скопје со резултат 80-78, нанесувајќи му го на актуелниот првак првиот пораз сезонава. „Металците“ имаа четири победи во АБА2 и два триумфи во домашното првенство, но во неизвесен финиш не успеаја да стигнат до бодовите на жешкиот терен во Гостивар. Тимот на Марјан Србиновски минатата седмица несреќно загуби од Работнички, но овојпат беше на висина на задачата и заслужено се радуваше на големата победа.

Од самиот почеток се водеше израмнета битка, а првата четвртина заврши со минимални 18-20 за МЗТ, по поените што во самиот финиш ги постигна центарот Бојан Крстевски. Во ист стил минаа и вторите 10 минути, во кои блесна ветеранот Тасовски, постигнувајќи 12 поени за гостиварци, кои на одмор заминаа со водство од 41-39.

Бодрени од фантастичните навивачи, домаќините успеаја да се одлепат во раната фаза од третата четвртина, поведувајќи со 50-41. Сепак, тогаш проработеа „снајперите“ на актуелниот првак, гостите од Скопје погодија неколку тројки во серија и со серија од 0-12 го свртеа резултатот во своја полза. МЗТ поведе со 57-61, но Димчевски погоди една тројка пред крајот на четвртината, потоа уште една на самиот почеток од последниот период, за ново водство на тимот предводен од Марјан Србиновски.

Гостивар влезе со поголема самодоверба во овие завршни десет минути, си создаде и предност од 75-70, но Дамјан Стојановски со тројка и асистенција (за тројка на Маслинко ) се погрижи мечот да влезе во неизвесна завршница. „Металците“ не погодија два шута во последната минута при негатива од 80-78, но потоа Доналдсон промаши две слободни фрлања и му даде уште еден „живот“ на шампионот. Сепак, избраниците на Кочов не реализираа, Хиндс промаши тројка, а Крстевски по офанзивен скок, по што Гостивар стигна до голема победа над „металците“, изразена со конечни 80-78.

Џелетовиќ со 21 и Тасовски со 17 поени беа најефикасни во екипата на Гостивар, додека кај МЗТ Скопје најдобри поединци  беа Онон со 19 и Дамјан Стојановски со 18 поени.

Се вчитува...