Гостивар си закажа полуфинале со Блокотехна

Кошаркарите на Гостивар се последните полуфиналисти во Купот на Македонија откако славеа во вечерашниот дуел против Фени индустри со резултат 88-81. Сосема очекувано, искуството и квалитетот беа на страната на гостиварци, додека Фени без помошта на американските кошаркари (си заминаа во пресрет на Супер-лигата) немаше сили да ги запре бројните оружја на тимот на Марјан Србиновски.

Уште од самиот почеток стана јасно дека Гостивар ќе го диктира темпото, во првите пет минути Фени постигна само четири поени (12-4), по што почетната четвртина заврши со резултат 23-14. Гостивар уште пофуриозно влезе во вториот дел од мечот, набрзина стигнувајќи и до 18 поени предност. Избраниците на тренерот Самарџиев влегоа во ритам и успеаја во третата четвртина да се доближат на само четири поени разлика (49-45), но по тајмаутот на Србиновски две тројки погоди Костоски, враќајќи ја удобната предност на гостиварци. Кавадарчани се обидуваа да сторат нешто повеќе, но со ограничен ростер немаа сили за целосен пресврт, па Гостивар заслужено се радуваше на победата.

Тасовски со 17 поени беше најефикасен во победничкиот тим, Костоски постигна 16, а Бојан Трајковски оствари дабл-дабл од 13 поени и 14 скокови. Горјан Марковски со 24 поени беше прв стрлец на Фени индустри, додека Каплановиќ реализираше 17 поени за кавадаречкиот прволигаш.

Според однапред утврдената програма, Гостивар и Блокотехна утре ќе го играат првиот полуфинален натпревар во 17.30 часот, додека вечното дерби меѓу Работнички и МЗТ Скопје ќе се игра со почеток во 20.15 часот.

Претходно, во салата „НОЕЛ“ во Гевгелија ќе се играат полуфиналните натпревари во женска категорија: Бадел – Струга (12 часот) и Вардар – Работнички (14.15 часот).

Се вчитува...