Гостивар со одличен финиш до „скалпот“ на Работнички, МЗТ убедлив против Вардар (ФОТО)

Кошаркарите на Гостивар славеа со 79-83 на гостувањето против Работнички во заостанатиот натпревар од 13. коло во Првата македонска кошарка лига.

Гостиварци до триумфот дојдоа со одлична последна четвртина која ја добија со 16-26. Претходно, Работнички ја контролираше играта и резултатот во првото полувреме кое го доби со 44-40. Но, не можеше против расположените гости во вториот дел.

Најдобри во победничкиот тим беа Костовски со 21 поен, кој имаше и по четири скока и асистенции, како и Јанески со 20 постигнати поени. Кај Работнички, пак, се издвои Младеновски со 19 поени и девет скока. Питс заврши со 15 поени, а Ефремовски со 14 поени.

Во заостанатиот натпревар од 14. коло, пак, МЗТ Скопје без никакви проблеми славеше против Вардар со убедливи 82-66.

Од самиот почеток „металците“ поведоа, па на полувремето имаа и предност од 11 поени (42-31). Сето тоа рутински одржувајќи го и во второто полувреме, за конечна победа од 16 поени разлика.

Бојиќ со „дабл-дабл“ ефект од 21 поен и 12 скока ги предводеше „металците“,  15 поени постигна Дамјан Стојановски. Кај гостите Ташовски со 17 поени беше најефикасен.

МЗТ Скопје сега е со 11 победи и шест порази во шампионатот. Гостивар, по триумфот над Работнички, сега е со 12 победи и девет порази, додека Работнички остана со 12 победи, сега и со шест порази.

Се вчитува...