Готово: Е.Пелистер го потврди Лино Червар!

Искусниот хрватски тренер Лино Червар е нов тренер на Е.Пелистер. Битолскиот клуб денеска ја потврди веста која вчера беше актуелна. 75-годишниот Хрват ќе го води новиот проект на „зелено-белите“ со една цел – да се врати титулата во Битола, и да се направи успех на меѓународна сцена.

Червар после девет години се враќа во Македонија, откако го водеше Металург од 2009 до 2017 година, а паралелно во последната година и македонската репрезентација.

„Не треба да се трошат зборови за тренерската кариера на стручњакот од Умаг. Беше селектор на Италија, Хрватска и Македонија, ги водеше Загреб и Металург, ги освои скоро сите титули со националниот тим на својата земја… Червар во Македонија направи големи работи со Металург и македонската репрезентација, афирмираше многу ракометари, освојуваше титули, а и создаваше зрели личности од своите млади момци.

Чувствуваме дека ова е вистински момент проектот да му биде доверен на Лино Червар, а со тоа Еурофарм Пелистер да се издигне на уште повисоко ниво од годините на трите шампионски титули и учеството во Лигата на шампионите“, стои во објавата на Е.Пелистер.

Се вчитува...