Гоце Седлоски именуван за нов тренер на Рига

Гоце Седлоски ќе биде нов тренер на Рига, информираат денеска од летонскиот прволигаш. На Седлоски во Рига ќе му помага и поранешниот асистент во ФК Вардар, Александар Влахо.

За 44-годишниот Седлоски ова ќе биде прв интернационален предизвик на тренерска функција, откако претходно го водеше македонскиот шампион Вардар. Од редовите на „црвено-црните“ замина по поразот од Копенхаген во 3. квалификациско коло за Лигата на шампионите.

Како што информираат од Рига, Седлоски и Влахо утрово се претставени пред фудбалерите на тимот, по што денеска ќе го водат и составот на пријателскиот натпревар против Атлантис.

Рига минатата сезона во летонскиот шампионат ја заврши на третата позиција зад екипите на Спартакс и Лиепаја, обезбедувајќи настап во квалификациите за Лигата на Европа следната сезона.

Се вчитува...