Градската пресметка без победник, триумфи за Академија Пандев и за Македонија ЃП (ФОТО)

Работнички и Вардар ремизираа (1-1) во градското дерби кое понуди допадлив фудбал и поделба на бодовите. Вардарци во претходница на дуелот го добија шампионскиот пехар од минатата сезона, а капитенот Дарко Мицевски кој го крена во рацете, беше стрелец и на водечкиот погодок за „црвено-црните“ во 59.минута. Лазаревиќ проигра кон шеснаесетникот, Филип Петковски одлично ја спушти за Дарко Мицевски, а тој „распали“ со лева и од десетина метри ја затресе мрежата на Јанков.

Работнички израмни во 76.минута. Нововлезениот Лука Станковски се најде на вистинското место по слободниот удар од левата страна и од неколку метри ја спроведе топката зад грбот на Филип Илиќ. Голманот на Вардар во 90.минута имаше одлична одбрана по шутот на Фахрудин Ѓурѓевиќ, по што ремито остана можеби и како реален епилог на градската пресметка.

Македонија ЃП во Ѓорче Петров многу ретко распродава бодови, а Беласица не се покажа како кадарна за да ги освои. Домаќинот победи со 2-1. „Лавовите“ поведоа со голот на Сефер Емини уште во третата минута, а израмни Антонио Каланоски само четири минути подоцна. Сепак, искусниот Боби Божиновски во 36.минута донесе ново водство, што на крајот беше и доволно за тимот на Жикица Тасевски да ги освои трите бода на овој меч.

Академија Пандев конечно го прекина постот и дојде до првата победа. Составот на Александар Таневски со многу мака успеа да го скрши отпорот на Струга Трим Лум и славеше со 1-0. Стрелец на победничкиот гол беше Марио Крстовски во 83.минута од натпреварот.

ПРВА ЛИГА, 4.КОЛО

РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР 1-1

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – СТРУГА ТЛ 1-0

МАКЕДОНИЈА ЃП – БЕЛАСИЦА 2-1

УТРЕ

ШКУПИ – ПЕЛИСТЕР

ПОНЕДЕЛНИК

ШКЕНДИЈА – БОРЕЦ

СИЛЕКС – РЕНОВА

Се вчитува...