Грнчаров: Се надевам дека новото раководство на МЗТ ќе продолжи да му набива страв на Работнички

Локаните избори во Македонија донесоа и промени во кошаркарските колективи во држвата, а ниту актуелниот шампион МЗТ Скопје не беше „заобиколен“ од оваа појава. Еден од они кои беше заменет е и доскорешниот генерален менаџер на клубот, Тони Грнчаров кој за четирите години поминати во клубот излезе со соопштение на својот Фејсбук профил.

Истото ви го пренесуваме во целост:

„Во интерес на вистината, би сакал да ја информирам јавноста дека од 14 јануари и официјално повеќе не сум извршен директор на МЗТ Скопје, со напомена што и подолг период претходно не го водам клубот, односно од завршувањето на локалните избори и промената на власта во општина Аеродром.

На новата управа ѝ посакувам успех, со желба да продолжат тоа што ние го започнавме односно продолживме од нашите претходници. Ако го сторат тоа, ќе го продолжат континуитетот со кој нашиот МЗТ постојано е во врвот, со оглед што веќе ги навикнавме нашите аеродромци на освојување трофеи.

Згора тоа, им посакувам да ја продолжат доминацијата во однос на најголемиот ривал Работнички, која ја воспоставивме во изминативе четири години, набивајќи им комплекс и страв дури и од самиот поглед на сино-белата боја.

МЗТ Скопје не стравува за својата иднина, бидејќи после подолго време се потпира на својата младинска школа и произведува играчи за првиот тим преку успешниот проект наречен МЗТ 2. Првпат во историјата успеавме да наметнеме тренд за настап во елитата со две екипи, нешто што никој досега не се ни обидел да го направи, а не, пак, да успее во такво нешто.

Најважно од сѐ, клубот го оставам финансиски стабилен, без ниту една тужба од кошаркар, тренер или некој коминтент. Се испокарав со сите, без оглед за кого се работи, само поради фактот што сакаа да му наштетат на МЗТ Скопје. Немам грижа на совеста за тоа што го направив, зашто јас пред сѐ сум аеродромец и навивач на МЗТ, кој имал чест да го носи светиот дрес и да ја крене првата титула како капитен.

На крај, го водев клубот пред сѐ со голема љубов, со срце и храброст, а по мое убедување максимално исправно. Поради тоа, не се каам ама баш за ништо. Плаво-бел до крај!“, стои во објавата на Грнчаров.

Се вчитува...