Грција декласирана од Исланд на стартот од квалификациите за ЕП 2020

Исланд славеше победа против Грција со 35-21 во првиот натпревар од квалификациите за ракометното ЕП 2020, во групата 3 во која е и репрезентација на Македонија.

На гостувањето во Рејкјавик, Грците држеа чекор само во првите дваесетина минути по мои резултатот беше 10-9. Потоа Исланѓаните предводени од капитенот Арон Палмарсон, го засилија темпото во нападот и за неполни пет минути се одлепија на 15-11. На крајот од првиот дел Исланд имаше предност од 17-13.

Офанзивата на домаќините продолжи и на стартот од второто полувреме кога за само четири минути ја зголемија предноста на 20-13 и веќе ја обезбедија победата во овој дуел. Играта на Грција главно се сведуваше на шутеви од бековските позиции и проигрувања кон пикерот Папдионисиу , но како што одминуваше времето повеќето од овие удари завршуваа во рацете на исландскиот голман.

Во последната четвртина Исланд влезе со двоцифрена предност поведувајќи со 28-18 и на крај заврши со убедлив триумф.

Македонските ракометари стартуваат утре против Турција во Битола, а вториот меч го играат в недела против Грција. Исланд пак, в недела и гостува на Турција.

Се вчитува...