Грција е мотив плус за ракометарите: Грешките од Битола не смеат да се повторат

Македонските ракометари денеска отпатуваа за Кожани, каде утре со почеток во 16 часот ќе излезат на мегдан со Грција во обид да стигнат и до втората победа во низа на стартот од овој квалификациски циклус од ЕП 2020. Триумфот на стартот над Турција не донесе преголема радост поради слабото издание на избраниците на Раул Гонзалес, а дополнителниот мотив што со себе го носи секој спортски дуел со јужниот сосед е само причина повеќе да очекуваме далеку подобра игра и рутинска победа за Лазаров, Стоилов, Манасков и останатите македонски ракометари.

„Она што мораме да го научиме е пристапот да ни биде ист против кого и да играме, без разлика дали е Турција, Грција или пак селекција од самата елита. Не бевме на нивото со Турција, не ги спроведовме задачите што ги бараше селекторот од нас и затоа сме разочарани. Не смееме да ги повториме истите грешки, а дуелот со Грција е идеален за да покажеме дека таа лекција е научена и да заиграме онака како што знаеме и умееме“ – изјави крилото Гоце Георгиевски.

Ист е ставот и на капитенот Кире Лазаров, кој веднаш по мечот во Битола посочи дека ова е една од најслабите партии на репрезентацијата во последните десетина години.

„Не е проблем што победивме само со четири гола, туку како игравме. Тоа беше едно многу лошо издание, нешто што не смееме да дозволиме да ни се повтори. Ако сакаме да победиме во Грција, а сигурно сакаме, ќе треба да играме многу, многу подобро“ – истакна најдобриот македонски ракометар.

Се вчитува...