Гвардиола крена раце од промашеното засилување на Сити

Пеп Гвардиола има големо трпение за своите фудбалери, особено оние на кои потрошил богатство за нивни трансфери, но и на тоа му дојде крајот кога станува збор за Бенжамин Менди. Каталонскиот стратег инсистираше да му биде доведен левиот бек на Монако, управата на Манчестер Сити плати 52 милиони фунти за да го доведе во своите редови, но набрзо се покажа дека Менди никако не успева да се вклопи во тактичките замисли на Гвардиола.

Недисциплината во играта во одбрана и пречестото инсистирање на излети во противничката половина се само дел од причините за незадоволството на „граѓаните“ од Французинот. Најголемиот проблем е недисциплината во приватниот живот, Менди веќе во неколку ситуации ги прекршуваше клупските правила, а пред неколку месеци ги прекрши и Covid-протоколите на британските власти, за што беше казнет и од клубот.

Гвардиола крена раце, на последните средби ги ротира Зинченко и Кансело како леви бекови и повеќе од јасно е дека Менди ќе биде продаден во текот на летниот преоден рок. „Граѓаните“ не се ни надеваат на враќање на целата инвестиција, но се очекува да бараат 40 милиони евра, сума што потоа ќе биде реинвестирана во нов лев бек – Талјафико од Ајакс или Госенс од Аталанта. ПСЖ е единствениот клуб што досега покажува интерес за Менди, но прашање е дали „светците“ ќе се согласат да платат толкава отштета за фудбалер кој не е стартер во Сити во последните две сезони.

Се вчитува...