Гвардиола не простува, ќе брка 13 фудбалери на Манчестер сити

Елиминацијата од Монако е кулминација на слабата сезона на Манчестер сити, клубот што очекуваше атак на сите трофеи со доведувањето на Пеп Гвардиола, но се соочи со суровата реалност да се  бори само за пехарот во ФА Купот на Англија. Гвардиола не го криеше разочарувањето по очајното прво полувреме на Манчестер сити во Монако, прв натпревар во ЛШ на кој „граѓаните“ за 45 минути не упатиле ниту еден удар кон противничкиот гол. Англиските медиуми најавуваат дека овој пораз само уште повеќе го зголемил разочарувањето на каталонскиот стратег, кој веќе најавил „чистка“ со која ќе бидат продадени дури 13 фудбалери кои моментно се под договор со овој клуб.

Одбраната на Манчестер сити е најслаб дел од тимот, па токму затоа први за заминување се Клиши, Сања и Забалета, бекови кои не се снајдоа во тактичките замисли на Гвардиола, добија шанса како централни дефанзивци, но и таму не се прославија, па во текот на летово ќе си заминат од таборот на „граѓаните“. Гвардиола веќе објавил и дека не смета на услугите на Џо Харт, Елаквим Мангала, Самир Насри и Вилфред Бони, четири фудбалери кои се испратени на позајмица и за кои ќе се преговара за што поскоро да бидат продадени на почетокот од летниот преоден рок.

Трофејниот тренер е особено разочаран од голманот Браво и од својот сонародник Нолито, кои воопшто не ги оправдаа очекувањата и експресно ќе бидат продадени, а на трансфер-листата се наоѓаат и Хесус Навас, Фабијан Делф и Фернандо.

Според весникот „Мирор“, раководството на Сити сигурно ќе заработи околу 150 милиони фунти за сите овие фудбалери, пари што потоа би му биле дадени на располагање на Гвардиола за да доведе адекватни засилувања. Приоритет ќе биде одбраната, каде покрај Ван Дајк од Саутемптон се најавува и нова офанзива по Бонучи од Јувентус. „Граѓаните“ најавуваат и нова офанзива по Обамејанг од Борусија Дортмунд, а средниот ред нема да доживее преголем ремонт со оглед на фактот дека Гвардиола го очекува и камбекот на Гундоган, кој бележеше одлични игри до тешката повреда на коленото.

Се вчитува...