Халанд или Нејмар – Меси бара нова „ѕвезда“ за да прифати помала плата во Барселона

Лионел Меси е подготвен да прифати помала плата за да остане во Барселона, но само доколку каталонскиот гигант тие пари ги инвестира во доведување на нова фудбалска „ѕвезда“ во своите редови. Шпанските медиуми тврдат дека Меси својот став директно му го пренел на претседателот Лапорта, кој во наредниот месец ќе треба да ги интензивира преговорите во обид да ја исполни желбата на својот најдобар фудбалер.

Според овие извори, двајца голгетери се на врвот на листата на играчи што Меси сака да ги види на „Камп Ноу“, Ерлинг Халанд и Нејмар. Норвешкиот ас заедно со Мбапе важи за предводник на „новата генерација“ врвни голгетери, но негов трансфер дефинитивно би чинел над 120 милиони евра. Истото е случај и со Нејмар, за кого ПСЖ плати 222 милиони евра за да го доведе од Барса. Бразилецот се обидуваше да го убеди Меси да му се приклучи во Париз, но сега се очекува Аргентинецот да го стори истото, доколку е возможно да го натера Нејмар да не потпише нов договор туку да бара трансфер во редовите на каталонскиот гигант.

Било кој од овие трансфери би чинел најмалку 200 милиони евра вклучувајќи ја и платата на самиот фудбалер, па сега на потег е Лапорта, во ситуација на сериозна финансиска криза на клубот да обезбеди средства за мегатрансфер и да го натера Меси да остане. За ова да се случи се очекува да бидат продадени Пјаниќ и Кутињо, можеби дури и Дембеле, чиј договор истекува во јуни 2022 година.

Се вчитува...