„Халкбанк“ – нов пријател на македонскиот ракомет

Ракометната Федерација на Македонија денеска потпиша нов договор за спонзорство, со што „Халкбанк“ стана нов пријател на ракометната куќа во нашата земја. Турската компанија застанува цврсто во поддршка на мак-ракометот, со заедничка желба да се продолжи во ист ритам со добрите резултати.

„Мене ми е голема чест и задоволство што Халкбанк станува официјален спонзор на Ракометната Федерација на Македонија, со оглед на значењето што ракометниот спорт го има во оваа држава. Интересна коинциденција, утре Македонија ќе игра меч со Турција, па ние како турска банка да бидеме од другата страна како поддржувач на ракометната репрезентација на Македонија. Нашето мото како компанија е „Важни се луѓето“, а спортот дефинитивно има големо влијание врз животот на луѓето. Сакам да се заблагодарам на претседателот Мукаетов, кој вложи голем напор за да најдеме заеднички јазик и ние да станеме официјален спонзор на Македонија. Банкарството е услужен сектор, а да бидеш спонзор на една репрезентација исто така ќе не приближи до граѓаните и ќе ни даде предност и во тој домен. Се надевам дека во идниот период во секој аспект ќе ја поддржиме македонската куќа на ракометот, не само како спонзори, туку и како активни поддржувачи“ – изјави Билал Суџубаши, генерален извршен директор на Халкбанк.

Задоволството од новиот спонзорски договор не го криеше ниту првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов.

„Ми претставува големо задоволство што денеска сум тука, да се заблагодарам на Билал Суџубаши што Халк банка станува наш спонзор. Драго ми е што оваа банка ги препознава вредностите во нашата држава и ракометот како спорт број 1 во Македонија. Добиваме екстра ветер во грб, да можеме да се посветиме на активностите , да го прошириме фокусот на работење и надвор од Скопје, да се посветиме и на младинските репрезентации. Јас сум убеден дека ова е соработка што ќе трае долгорочно и заедно ќе жнееме нови успеси во периодот што следи“ – изјави Мукаетов.

Се вчитува...