Хамилтон: Фетел го сакаше моето место во Мерцедес

Луис Хамилтон изјави дека точно знае кои негови „колеги“ го посакувале и се обидувале да го заземат неговото место во германскиот тим. Британецот открива и дека еден од тие што „барале работа“ во Мерцедес бил и Себастијан Фетел, пред да го продолжи договорот со Ферари.

„Знам кој контактирал со тимот и тоа благодарение на мојот добар однос што го имам со Тото Волф. Тој е многу отворен со мене по ова прашање. Понекогаш е интересно да се чуе кој го барал и кој се распрашувал да го заземе моето место или тоа во соседната гаража. Потоа ги гледам и потезите кои се изразуваат со резултатите. Таков пример е обновувањето на договорот на Себастијан со Ферари. Не знам дали сите очекуваа да потпише тригодишен договор“ – открива Хамилтон.

Договорот на Хамилтон со Мерцедес му истекува на крајот од 2018 година и тој веќе најави дека планира да ја продолжи соработката со тимот

„За мене нема разлика, затоа што секако планирам да го продолжам договорот , дали сега или можеби кон крајот на договорот. Знам дека Тото кажал дека ќе го почекаме крајот, затоа што јас така барав. Не брзаме никаде. Сегашниот договор ми е за уште една година, така што има време“ – додава британскиот возач.

Тројниот светски шампион и моментно лидер во генералниот пласман на возачи во Ф1 шампионатот, потенцирајќи ги коректните односи и взаемната доверба што ја има со луѓето во тимот, исто така истакнува и дека воопшто не ни размислува за друга опција освен за Мерцедес.

„Знам дека тимот е целосно посветен на мене и јас од моја страна никогаш не сум дигнал телефон и не сум разговарал со други тимови. Тоа јасно им го кажав на луѓето во тимот – не си ги преценувам своите можности. Ако беше така, ќе му се јавев на Тото за да му кажам дека ги разгледувам другите можности за да видам што ми нудат. Не планирам да направам такво нешто. Убаво е што Себастијан потпиша во Ферари. За се си има причина и сега можам  спокојно да продолжам напред, знаејќи дека следните пет, шест или колку години и да останам во спортот, тоа делче од мозаикот ќе си биде на свое место“ – вели Хамилтон.

Се вчитува...